Лабина Митевска

Македонска артистка и продуцентка, родена во Скопје. Својата актерска кариера ја започна како тинејџерка во 1993, играјќи ја Замира во првенецот на Милчо Манчевски, Пред дождот, награден со Златен лав во Венеција во 1994 и Номиниран за Странскиот Оскар во 1995. Во 1996 успешно соработува со режисерот Мајкл Винтерботом во неговите два филма: Добредојде во Сараево и Те сакам. За тие остварувања таа беше избрана како една од Shooting Stars на Берлиналето во 1998. Нејзината актерска кариера продолжи низ Европа, креирајќи над 30 улоги во филмови снимани во Германија, Чешката Република, Турција, Италија, Бугарија и Словенија.
Во 2001, Лабина, нејзината сестра Теона и нивниот брат Вук ја основаа продуцентската компанија Сестри и Брат Митевски. Сите нивни филмови се Европски копродукиции. Во компанијата Лабина е одговорна за продукцијата и затоа во 2025 на Годишното Собрание на ЕФА и’ беше доделена наградата за најдобра копродуцентка. Таа соработувала како копродуцентка во филмовите на угледните европски режисери: Нури Билџе Сеилан-Дивата крушка и Кристи Пују-Сиераневада. Во нивните македонски филмови во кои Лабина е продуцентка, сестра и’ Теона е режисерка, братот Вук е сценограф, а таа толкува и главни улоги. Таа е Виола во Како убив светец, Афродита во Јас сум од Титов Велес, игра една од главните улога во Бог постои, нејзиното име е Петрунија и во нивниот најнов филм Мајка, ја игра улогата на сестра Мерседес. Лабина е продуцентка и на најновиот филм Скејтбординг не е за девојчиња, на режисерката Дина Дума.

