Добредојдовте на 26. издание на Скопје филм фестивал

Со ова издание отвораме ново поглавје во историјата на фестивалот, со нов тим, обновена програмска визија, нови партнерства и цврста определба Скопје филм фестивал да изгради свој препознатлив, автентичен и современ идентитет.
За мене, една од најважните задачи на фестивалот е навреме да ги препознаеме и селектираме најзначајните остварувања од новата европска и светската кинематографија. Секој филм го избираме со јасен кураторски став, според неговиот авторски печат, уметничката вредност и темите што ги отвора.
Преку внимателно осмислени фестивалски програми ќе претставиме разновидна селекција, од храбри авторски филмови и нови филмски гласови, до остварувања на веќе етаблирани автори. Нашата желба е фестивалот да биде простор во кој различните филмски јазици, погледи и идеи ќе ги исполнат очекувањата на фестивалската публика.
Фестивалот е и простор за непосредна средба меѓу публиката и авторите. За време на фестивалските денови публиката ќе има можност непосредно да ги запознае авторите на дел од филмовите во програмата, како и нашите специјални гости од регионот, Европа и светот. Посебно место во новиот концепт на фестивалот ќе има едукативната програма. Преку неа сакаме на младите да им отвориме простор да учат, да истражуваат, да разговараат со филмски професионалци и да го развиваат својот интерес кон филмската уметност.
Под покровителство на градоначалникот на Град Скопје и во партнерство со А1 Македонија, Скопје филм фестивал има амбиција да се развива во една од значајните филмски и културни манифестации во регионот.
Истовремено, сакаме фестивалот да стане еден од носечките проекти на Скопје – Европска престолнина на културата 2028, со програма што ќе го поврзува нашиот град со современата европска и светска кинематографија и ќе го позиционира Скопје како отворен простор за филм, култура и нови идеи.
Ве очекуваме на Скопје филм фестивал од 04-09 ноември, да го славиме филмот заедно!
Томи Салковски
Директор на Скопје филм фестивал

