Скокни до содржината

Добре дојдовте на 26. издание на Скопје филм фестивал

Сподели

Со ова издание отвораме ново поглавје во историјата на фестивалот, со нов тим, обновена програмска визија, нови партнерства и цврста определба Скопје филм фестивал да изгради свој препознатлив, автентичен и современ идентитет. 

За мене, една од најважните задачи на фестивалот е навреме да ги препознаеме и селектираме најзначајните остварувања од новата европска и светската кинематографија. Секој филм го избираме со јасен кураторски став, според неговиот авторски печат, уметничката вредност и темите што ги отвора. 

Преку внимателно осмислени фестивалски програми ќе претставиме разновидна селекција, од храбри авторски филмови и нови филмски гласови, до остварувања на веќе етаблирани автори. Нашата желба е фестивалот да биде простор во кој различните филмски јазици, погледи и идеи ќе ги исполнат очекувањата на фестивалската публика. 

Фестивалот е и простор за непосредна средба меѓу публиката и авторите. За време на фестивалските денови публиката ќе има можност непосредно да ги запознае авторите на дел од филмовите во програмата, како и нашите специјални гости од регионот, Европа и светот. Посебно место во новиот концепт на фестивалот ќе има едукативната програма. Преку неа сакаме на младите да им отвориме простор да учат, да истражуваат, да разговараат со филмски професионалци и да го развиваат својот интерес кон филмската уметност. 

Под покровителство на градоначалникот на Град Скопје и во партнерство со А1 Македонија, Скопје филм фестивал има амбиција да се развива во една од значајните филмски и културни манифестации во регионот. 

Истовремено, сакаме фестивалот да стане еден од носечките проекти на Скопје – Европска престолнина на културата 2028, со програма што ќе го поврзува нашиот град со современата европска и светска кинематографија и ќе го позиционира Скопје како отворен простор за филм, култура и нови идеи. 

Ве очекуваме на Скопје филм фестивал од 04-09 ноември, да го славиме филмот заедно! 

Томи Салковски
Директор на Скопје филм фестивал