Скокни до содржината

ВИКЕНДОВ НА СФФ2026: Фокус на слободата на говорот, европски краткометражни филмови, психолошки драми и регионални соработки

Сподели

Скопје, 6 ноември 2026 година – Скопје Филм Фестивал 2026 носи богат и возбудлив филмски викенд. Во сабота, гледачите може да очекуваат филмска агенда фокусирана врз прашањата за слободата на поединецот, медиумските манипулации и комплексите на современото семејство, надополнета со селекција од најдобрите европски краткометражни филмови. Програмата започнува во 13:00 часот со специјална проекција на 5 „EFA Shorts“ краткометражни филмови. Во 17:00 часот во Кино „Фросина“ ќе се прикаже француската драма „Отфрлен“ (Forsaken) во режија на Винсент Гаренк, инспирирана од вистинскиот трагичен настан со наставникот Самјуел Пати и опасностите од онлајн линч-кампањите. Потоа, во 19:00 часот следи унгарскиот психолошки трилер „Чувство на дом“ (Feels Like Home) на Габор Холтаи, кој преку напната приказна за киднапирање ги истражува границите на личниот идентитет и преживувањето. Вечерната програма во 21:00 часот му припаѓа на сегментот Фокус со проекцијата на филмот „Ритам на животот“ (Life in a Beat) на авторката Америса Баста – меѓународна копродукција помеѓу Грција, Северна Македонија, Кипар, Бугарија, Црна Гора и Франција, која носи автентична приказна за изборите и борбата на една млада жена во современа Атина.

Неделната програма на Скопје Филм Фестивал 2026 носи богата репертоарска понуда, а публиката ќе има можност да проследи остварувања од Германија, Филипините и регионалната селекција. Програмата започнува во 17:00 часот со прикажувањето на германско-француската неконвенционална музичка комедија „Мизерна мајка“ (The Miserable Mother) на Зузане Хајнрих, која низ надреален хумор ги преиспитува притисоците на мајчинството и современото општество. Во 19:00 часот следи драмата „Тивки ноќи“ (Silenced Nights) во режија на Лоренс Фажардо (Филипини/Франција/Тајван), која преку преплетени судбини го документира институционалниот молк и борбата за правда за време на војната против дрогата во Манила. Вечерта завршува во 21:00 часот со проекција од програмата Фокус – психолошкиот трилер „Мраз“ (Frost) во режија на Павле Вучковиќ (Србија/ОК/Северна Македонија/Хрватска/Црна Гора), каде што актерската екипа предводена од Камка Тоциновски ја води публиката низ истрага преплавена со пагански митови и црна магија.

Сите заинтересирани може да ги набават своите билети преку продажната мрежа на MK Tickets. За целосната фестивалска програма, дополнителни информации и новости околу претстојните активности на фестивалот, посетете ја официјалната веб-страница sff.mk или следете ги официјалните профили на фестивалот на социјалните мрежи.

За Скопје Филм Фестивал

Основан во 1998 година, Скопје Филм Фестивал има повеќедецениска мисија да ја развива филмската култура и да ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Како препознатлив бренд и значајна платформа за авторски филм и нови уметнички изрази, фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и бројни домашни и странски филмски професионалци.

Од оваа година, фестивалот влегува во фаза на трансформација и осовременување на својата програмска структура и визуелен идентитет. Со нов меѓународен фестивалски совет и тим составен од истакнати професионалци од Европа и светот, Скопје Филм Фестивал се позиционира како водечки културен двигател во регионот и еден од темелните столбови во реализацијата на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.

Покровител на фестивалот е Град Скопје, а Партнер „А1 Македонија“. Поддржувачи на СФФ2026 се: „Титан Усје“, „Dalekovod“, „ЕВН“, „Гемак“, „Schweppes“, „Алхемист“, „Peyrassol“, „Valdo“, „АГНА Скопје“, „Горска Вода“, „Вертиго“, „АВЦ Груп“, „ДВД Плус“, „Nestle“, Хотел “DoubleTree by Hilton-Skopje“, Хотел „Marriott-Skopje“, „Delfino Group“ и „Sixt”.

Оваа година, фестивалот ќе се реализира на две локации – Н.У. Македонски Народен Театар (МНТ) и Младински Културен Центар – МКЦ.

Официјална веб страница: www.sff.mk

Официјални страници на социјалните мрежи: Facebook: SkopjeFilmFestival | Instagram: skopjefilmfestival | Tik-Tok: skopjefilmfestival | LinkedIn: skopje-film-festival | YouTube: @Skopje.Film.Festival

Програма на Скопје Филм Фестивал 2026